На седницата на Државната изборна комисија беше донесена Одлуката за дополнување на Одлуката за доделување на средства за општинските изборни комисии за спроведување на Избори за членови на советите на општините и советот на Градот Скопје и за градоначалници на општините и градоначалник на Градот Скопје, 17 октомври 2021 година, со која на општинските изборни комисии им се доделуваат средства за спроведување на вториот изборен круг, која висина на средства се одредува согласно бројот на избирачки места.

Понатаму беше донесена и Одлуката за утврдување на обликот на печатот со број на избирачко место кои ги користат избирачките одбори при спроведување на гласањето, кои претходно со решение на Државната изборна комисија се ставени вон употреба.

На седницата се одлучуваше по поднесени приговори од подносител на листа на кандидати во постапката за гласање, сумирање и утврдување на резултати од гласањето.

Имено, во определениот законски рок, согласно член 148 од Изборниот законик, до Државната изборна комисија беа поднесени приговори од повеќе подносители на листи и тоа ВМРО – ДПМНЕ и Коалиција Обнова на Македонија, Коалиција најдоброто за мојата општина предводена од СДСМ, Коалиција Алијанса за Албанците и Алтернатива, Движење Одлучно за промени, Демократска партија на Турците на Македонија, Левица и Демократска унија за интергација.

Од страна на Твоја партија беше доставен приговор за непочитување на одредбите за активностите и времетраењето на изборната кампања, но бидејќи не беше доставен во законски определениот рок едногласно беше отфрлен. Исто така и Барањето за увид во неважечките ливчиња доставено од Единствена Македонија, беше доставено вон законскиот рок.

Приговорите поднесени од ВМРО – ДПМНЕ и Коалиција Обнова на Македонија, Коалиција најдоброто за мојата општина предводена од СДСМ, Демократска унија за интергација и дел од Коалиција Алијанса за Албанците и Алтернатива, од страна на овластените подносители на листи беа писмено повлечени.

Останатите приговори Државната изборна комисија ги одби поради тоа што истите не беа поткрепени со факти и докази. Подносителите на приговорите не го искористиле правото и можноста која е дадена согласно Изборниот законик да се постапува во случај на евентуални нерегуларности во изборниот процес, да се стават свои забелешки за евентуални неправилности доколку биле евидентирани преку своите овластени претставници во записниците на избирачките одбори или општинските изборни комисии, како за постапката за гласање така и за сумирање и утврдување на резултатите.

Во прилог на приговорите не беше доставен соодветен доказ за наводите кои беа наведени во нив, а во Записникот бр.16 и Записникот бр.21 за секое избирачко место кое е предмет на приговор, немаше забелешка од ниту еден член од избирачките одбори, ниту од овластените претставници од подносителите на листите (согласно член 116 став 3 од Изборниот законик), кое исто беше утврдено по повеќекратните проверки и увид во записниците од страна на Државната изборна комисија.

Исто така не беше постапено и согласно член 117 став (6)  каде  е наведено дека доколку забелешките на претставниците на подносителите на листите не се евидентирани во записникот, тие имаат право да ги достават до општинската изборна комисија во рок од 5 часа од составувањето на записникот и забелешките согласно одредбите од член 116 став 3 да бидат основа за приговор.

Донесените акти од оваа седница ќе бидат објавени на официјалната веб страница.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Skip to content