На 76-та седница на Државната изборна комисија, одржана на 12 јули 2020 година, се одобрија барањата за акредитација поднесени од ББЦ Србија, Евроњуз Албанија, Македонски центар за култура и развој, Агенцијата Анадолу Турција, АНА – МПА ЕРТ Телевизија Грција, Здружението на лица со посебни потреби Заедно можеме  – Гостивар и АДР Германија.

На седницата беа разгледувани приговори за заштита на личното избирачко право, согласно член 149-а од Изборниот законик, во врска со гласањето за Предвремените избори за избор на пратеници во Собранието, поврзани со гласањето кое ќе се спроведува на 13 јули 2020 година (лица со позитивен тест на КОВИД – 19 и лица упатени во самоизолација) и за гласањето кое ќе се спроведува на 14 јули 2020 година (болни и немоќни лица). Овие приговори претходно беа разгледувани од страна на општинските изборни комисии, меѓутоа, сметајќи дека им е оневозможено правото на глас, од страна на подносителите беа доставени и на одлучување до Државната изборна комисија. За дел од приговорите Комисијата одлучи да се прифатат, а дел беа одбиени.

Државната изборна комисија ги одби и приговорите кои беа доставени по основ дека подносителите не се наоѓаат во Избирачкиот список, имајќи предвид дека рокот за истото е надминат, а Избирачкиот список е заклучен.

Државната изборна комисија, информираше дека заклучно со 12 јули 2020 година, вкупниот број на граѓани кои ќе го остварат своето право на глас на 13 јули 2020 година, изнесува 711 – граѓани кои се со позитивен тест на КОВИД – 19 или се наоѓаат во самоизолација, додека вкупниот број на граѓани кои што своето право на глас ќе го остварат на 14 јули 2020 година, како немоќни и болни, изнесува 8855.

Во однос на статусот на одобрени барања за акредитација за набљудување на изборниот процес за Предвремените избори за избор на пратеници во Собранието, 15 јули 2020 година, акредитирани се 2508 домашни набљудувачи, 98 меѓународни набљудувачи и 55 странски новинари, со што се покажува големиот интерес кој ќе даде поголем легитимитет на изборниот процес.

Државната изборна комисија ги обезбеди сите неопходни услови и средства за спроведување на изборите и апелираше до целата изборна администрација да работи транспарентно, професионално и согласно законската рамка.

Бидејќи, денес на полноќ започнува изборниот молк, Државната изборна комисија апелираше до учесниците во изборите, да се придржуваат до законот и доследно да го почитуваат изборниот молк, со цел да се придонесе за фер и демократски избори.

На 13 јули 2020 година и на 14 јули 2020 година, ќе гласаат лицата позитивни на КОВИД 19 и лицата во самоизолација, болни и немоќни лица, лицата кои се наоѓаат на издржување казна затвор или се наоѓаат во домашен притвор и лицата кои се наоѓаат во установи за вонсемејно згрижување.

Гласањето на 15 јули 2020 година, ќе започне во 07.00 часот а ќе заврши во 21:00 часот.

Skip to content