Државната изборна комисија денеска склучи Меморандум за соработка со Здружението за промоција и развој на инклузивно општество Инклузива. Меморандумот е изготвен во согласност со европското законодавство, Конвенцијата на Обединетите Нации за правата на лицата со попреченост, домашната регулатива и интерните акти.
Со реализација на целите на Меморандумот двете страни отпочнаа веднаш по неговото потпишување. Денеска започна тридневната работилница за вработените во седиштето на Стручната служба на Државната изборна комисија, која ќе трае до 15 март, а преку која учесниците ќе се стекнат со вештини за испорачување на обуки за лица со попреченост.
По комплетирањето на оваа активност, ќе следат регионални работилници за претставници од општинските изборни комисии, кои ќе се реализираат во текот на месеците април и мај оваа година.
Со реализацијата на овие активности Државната изборна комисија ќе се стекне со тим на обучувачи со специфични вештини за комуникација и испорачување обуки на лица со попреченост. Овој тим на обучувачи понатаму ќе работи на реализација на целите на Меморандумот за соработка.

Основен приоритет на двете страни е преку реализација на целите од овој Меморандум да придонесат кон зголемување на поддршката на граѓаните со попреченост во сите сегменти и фази на изборниот процес, остварување на нивните гласачки права, унапредување на работата на изборната администрација во создавање на услови за унапредување на инклузивноста за гласачите со попреченост и успешно спроведување на инклузивни избори.

 

Skip to content