Во текот на септември и октомври 2023 година, Државната изборна комисија организираше и спроведе обуки за унапредување на родовата сензитивност на сертифицираните обучувачи на ДИК, насловени „Родовите аспекти на изборниот процес“.

На обуките се разработија темите родова еднаквост, родова пристрасност, стереотипи и предрасуди, родова еднаквост и избори, изборен процес и учество на жените, важноста на родово разделените податоци, рамка на изборни права и политика на Државната изборна комисија против сексуално вознемирување.

Обуките опфатија вкупно 106 учесници – 88 % од вкупниот број на сертифицирани обучувачи на Државната изборна комисија, од кои 52 мажи и 54 жени кои спроведуваат обуки на членовите на изборните органи на пониско ниво.

За да се обезбеди ефективна организација и ангажман, учесниците беа поделени во пет групи, од кои секоја се состоеше од приближно 20 до 25 лица. Сите овие групи беа внимателно избалансирани во однос на полот и географскиот регион, со цел да се промовира различноста и инклузивноста.

Темата за родова еднаквост и родовите аспекти на изборите беше воведена за прв пат оваа година како тема за обучувачите на Државната изборна комисија и имаше многу позитивно влијание. Таа беше оценета како многу корисна, со потреба да се повторува на одреден период, особено по изборите.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Skip to content