Во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, отпочна обука за спроведување на политиката на интегритет во Државната изборна комисија, наменета за вработените во ДИК.

На обуката се обработуваат повеќе теми, како: типови и форми на корупција, врската интегритет – антикорупција, елементи на интегритетот, елементи на политиката на интегритет.

Учесниците работат и на предлог активности за секој елемент на политиката на интегритет.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Како дел од проектот „Поддршка на изборните реформи во Западен Балкан“, Канцеларијата за демократски инсистуции и човекови права (ОДИХР) организираше работилница во Варшава на 21 и 22 февруари 2022 година за да отвори дискусија за клучните предизвици при имплементацијата на препораките на ОДИХР и можностите за ангажман на граѓанското општество во изборното следење. 

Учесници на работилницата беа претставници на меѓународни организации, изборни комисии од регионот, како и граѓански организации и активисти.

Членови на Државната изборна комисија учествуваа на работилницата, а на сесијата за имплементација на препораките од извештаите на ОДИХР за учество на недоволно застапените групи во изборите ги презентираа достигнувањата на Државната изборна комисија во поглед на промовирање на учеството на жените и лицата со попреченост.

Дискусијата помеѓу учесниците донесе заклучоци за тоа како да се консолидира присуството и одржливоста на граѓанските организации (ГО) во текот на изборниот циклус како едни од клучните чинители во изборните реформи и промоцијата на демократијата низ Западен Балкан.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

На 2 февруари Државната изборна комисија го одбележа Глобалниот ден на изборите.

Како резултат на заложбата која произлегла од Глобалната конференција за избори која се одржала од 15 до 17 септември 2005 година во Будимпешта, Унгарија, Глобалниот ден на изборите секоја година се одбележува во првиот четврток во февруари. На овој ден изборните комисии ширум светот организираат тркалезни маси, дебати, работилници, средби со граѓани и сл. со цел да ја истакнат посветеноста на заштита на правото на глас како едно од основните човекови слободи и права.

На настанот по повод овој значаен ден, Државната изборна комисија ги презентираше активностите кои ги реализираше во текот на 2022 година, како и дел од планираните активности за 2023 година.

ДИК официјално го промовираше и Порталот за избори, кој на сите заинтересирани ќе им овозможи полесен пристап до сите статистички податоци поврзани со спроведените изборни процеси, а кои можат да послужат за информирање, истражувања и анализи.

Овој портал уште еднаш ја нагласува заложбата на ДИК за транспарентност во работењето, отвореност, отчетност и достапност на податоците.

Порталот е достапен на следниот линк: https://ep.sec.mk/

Изработен е со поддршка на Меѓународната фондација за изборни системи ИФЕС, преку проект финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Од 23 до 25 ноември во Скопје се одржа обука за обучувачи од младински организации и организации на лица со попреченост.

Учесниците стекнаа знаења и вештини поврзани со избирачкото право, кои ќе ги пренесат понатаму преку инфо сесии со нивните членови.

Обуката се спроведе со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Од 24 до 25 ноември во Маврово се одржа работилница за изготвување на електронски регистар на законски и подзаконски акти.

Електронскиот регистар ќе овозможи полесен пристап до целокупната изборна  регулатива која е од интерес за сите чинители во изборите.

Работилницата се реализира со поддршка на ИФЕС, преку проект финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

На 22 ноември претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски, оствари средба со регионалната директорка за Европа и Евро-Азија при Меѓународната фондација за изборни системи – ИФЕС, Анја Кумберланд, како и со директорката на канцеларијата на ИФЕС во Северна Македонија, Иоана Косма.

На средбата сите изразија задоволство од досегашната соработка помеѓу ДИК и ИФЕС како стратешки партнери, а се разговараше и за областите во кои соработката ќе продолжи и во претстојниот период.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

На 17 ноември од страна на акредитирано сертификациско тело на Државната изборна комисија свечено и беше врачен сертификат за примена на Системот на менаџмент со квалитет, согласно барањата на стандардот ISO 9001:2015.

Опсегот на квалитет на Државната изборна комисија се состои во организирање и спроведување на избори и референдум, ажурирање на избирачкот список и евиденција на избирачкото право, обука и едукација на изборни органи и граѓани, носење на подзаконски акти и одлучување по приговори.

Дел од придобивките за Државната изборна комисија од воведувањето на ISO 9001:2015 се однесуваат на зголемување на ефикасноста во работењето, поголема одговорност на вработените, подобрување на имиџот на институцијата, вреднување и документирање на работните задачи, подобро искористување на времето и ресурсите, како и континуирано подобрување.

Процесот на сертифицирање согласно барањата на стандардот ISO 9001:2015 беше поддржан од Меѓународната фондација за изборни системи – ИФЕС, преку проект финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Како континуиет на соработката,  и надоврзување на веќе финализираните проекти – Нова интернет страница и Платформа за учење, на 16.11.2022г. во ДИК се одржа заеднички работен состанок со претставници на ИФЕС, на кој се дискутираше и беше извршена презентација на развојот, целите, содржината и функционалноста на новиот проект – Портал за избори, чија реализација е помогната од Швајцарската агенција за развој и соработка.

Порталот за избори ќе биде нова ефикасна и практична алатка и платформа на ДИК која на едно место ќе ги содржи сите достапни резултати од сите видови на спроведени избори за целата територија на РСМ, одделно и детално по избирачки места, општини и изборни единици, како и податоци за листите на кандидати и политички партии учесници на изборите. Тој ќе содржи и GPS информаци за локацијата на избирачките места, нивната достапност за лица со попреченост и други статистички податоци од интерес, разделени според пол и етничка припадност.

„Со Порталот за избори ќе се овозможи зголемување на транспарентноста, подобрување и олеснување на пристапноста, како и значително зголемување и поедноставување на достапноста до податоците за учесниците на изборите и до резултатите од изборите, нивна споредба, анализа и истражувања, а сите овие податоци ќе може да ги користат сите заинтересирани граѓани, медиумите, политичките партии, невладините организации.“ – нагласи Борис Кондарко, член на ДИК.

Порталот за избори во јавноста ќе биде претставен до крајот на оваа година.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Во рамките на соработката со Меѓународната фондација за изборни системи – ИФЕС, а во насока на континуирано градење на капацитетите на изборната администрација, на 1 и 2 ноември во Тетово се одржа дводневна обука на тема „Заштита на личните податоци.“

Обуката беше наменета за вработени во Стручната служба на Државната изборна комисија, а имаше за цел да им ги доближи прописите за заштита на личните податоци и нивната практична примена при вршењето на работните задачи.

Спроведувањето на оваа активност беше поддржано од Швајцарската агенција за развој и соработка.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

На 25 октомври, во организација на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР), во Виена се одржа семинар кој опфати две теми: набљудување на изборите и учество на жените на избори.

Семинарот им даде можност на делегациите на ОБСЕ, експертите за избори, изборните органи, меѓународните организации, граѓанските организации и другите засегнати страни да разговараат за новите предизвици и добри практики поврзани со организацијата на изборите во согласност со заложбите на ОБСЕ, меѓународните обврски и други стандарди за демократски избори.

Поконкретно, семинарот во фокусот го имаше прашањето за родовата еднаквост во изборните процеси како долгогодишна заложба на земјите-членки на ОБСЕ.

Претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски, имаше свое обраќање во вториот дел од семинарот, во кое ги презентираше достигнувањата и натамошните планови на ДИК во унапредување на родовата еднаквост во изборите. Претседателот Даштевски особено се задржа на Родовиот акциски план на ДИК 2021-2024, реализираните активности и резултатите од истите, како и активностите кои претстојат за ДИК согласно Планот.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

На 20-21 септември 2022 година, Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОБСЕ, ОДИХР), во соработка со присуство на ОБСЕ во Албанија, организираше дводневна регионална конференција за подобрување на постоечките процеси за електронска идентификација на гласачите. Конференцијата беше организирана во рамките на проектот за поддршка на изборните реформи на ОДИХР, а се одржа во Тирана, Република Албанија.

Настанот обедини 66 учесници од земјите од регионот (Албанија, Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Црна Гора и Србија, како и Косово) вклучително и претставници на релевантни институции и тела за управување со избори), членови на работните групи за реформи во изборното законодавство, активисти и граѓански организиции, локални и меѓународни експерти.

Учесници на конференцијата беа членовите на Државната изборна комисија Бобан Стојаноски, Кренар Лога и Оливер Ристовски.

Во рамките на панел-сесиите на Конференцијата тие имаа свои презентации за искуството на Државната изборна комисија со воведувањето на биометриската идентификација на гласачите.

Презентациите се фокусираа на постоечките процеси, предизвици и најдобрите практики во спроведувањето на биометриската идентификација на гласачите.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Со цел имплементација на меѓународните стандарди за избори, како и препораките на Венецијанската комисија за континуирана обука на изборната администрација и другите актери вклучени во изборниот процес, изработена е „Студија за изводливост и патоказ за формирање Центар за обуки за изборите“.

– Студијата на изводливост обично се прави кога сакате да создадете некое тело, или нова институција или да ги подобрите постоечките институции. Во процесот се вклучени Државната изборна комисија и други органи како што се претставници на општинските изборни комисии, но и претставници на политички партии, граѓанскиот сектор и медиумите, со цел да идентификуваме кои се нивните конкретни потреби, на тој начин процесот стана инклузивен и транспарентен за сите учесници во изборниот процес. Добрата вест е што многу работи веќе се воспоставени овде во Северна Македонија, така што постои систем за обука, има програма и група обучувачии, во областа на едукација на граѓаните и на гласачите. – вели тим лидерот одговорен за изработката на студијата Павел Кабаченко.

Според него Северна Македонија е подготвена да го направи следниот чекор во насока на подобрување и институционализирање наобуките, и со подготовките за истото би требало да започнат веднаш.

– Со оглед на тоа дека ние подолго време сме вклучени во овој процес можам да кажам дека ова е од исклучителна важност затоа што веќе почнуваат одредени конкретни активности. Ако успееме, тоа ќе значи историски успех, бидејќи до сега тоа не постоело, а е еден важен сегмент за подигање на нивото на демократијата во државата воопшто. – порача Александар Даштевски, претседател на Државна изборна комисија.

– Визијата на Државната изборна комисија и нејзина долгорочна стратегија е формирање на центар за обуки кој што ќе постои во склоп на структурата на Државната изборна комисија меѓутоа ќе има пофокусирани напори кон обезбедување на едукација за сите чинители во изборите, а не само за изборните органи како до сега. – потенцираше Љупка Гугучевска Филипоска раководителка на одделението за континуирани обуки во Државна изборна комисија.

Таа додаде дека уникатноста на Државната изборна комисија како институција е целната група која треба да ја едуцира. Тоа се не само гласачите, политичките партии, граѓанските организации, медиумите, туку буквално сите граѓани на оваа држава – и оние кои се во училишните клупи бидејќи за да имаме резултат на долг рок односно да се подигне свеста и знаењето за демократијата и изборите, со едукацијата мора да се почне многу порано. Центарот би работел поефикасно и со различните категории на гласачи, како гласачите со попреченост, мажите и жените како засебни категории, гласачите од руралните средини, гласачите со поинакви можности, итн.

– Се надеваме дека оваа студија, заедно со тековните разговори на оваа тема, ќе придонесат кон изнаоѓање одржливи решенија за подобрена едукација за изборите, како и дека истите ќе помогнат во зајакнувањето на работата на изборната администрација, не само при организирањето избори, туку и при обезбедувањето подобри услуги за гласачите и останатите изборни актери. Овие заложби имаат за цел да ги унапредат изборните реформи, притоа зголемувајќи ја транспарентноста, интегритетот и целокупната доверба во изборните процеси. – истакна Јоана Козма директорката на канцеларијата на ИФЕС во Скопје.

Студијата е изработена од „Поддршка на изборните реформи“ проект на Швајцарската Влада, кој го спроведува Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС). Проектот цели кон поинклузивни и подемократски изборни процеси раководени од зајакната организација на изборите, кои се одблизу набљудувани од граѓаните.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Државната изборна комисија континуирано работи на подобрување на родовата еднаквост во работата на ДИК и на зголемување на учеството на жените во изборниот процес.

Имајќи предвид дека средина која заштитува од секаков вид насилство и вознемирување, е предуслов за обезбедување слободни и безбедни избори за сите учесници во процесот, на 12 октомври ДИК усвои процедура за заштита од сексуално вознемирување на работното место која го дефинира, спречува и забранува сексуалното вознемирување на работното место.

Развојот на Процедурата е дел од поддршката на Мисијата на ОБСЕ во Скопје за спроведување на Родовиот акциски план на ДИК 2021-2024 година: https://drive.google.com/file/d/16EGLPg8bJzPnu0_0piYam7Cue0pj2Yws/view

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

На 12ти Октомври 2022, во Државната изборна комисија се одржа презентација на студија за изводливост и патоказ за формирање центар за обуки за изборите.

Н.Е. Амбасадорката Вероник Улман, амбасадорка на Швајцарија во Северна Македонија ги поздрави домаќините, а воведни обраќања имаа Александар Даштевски, претседател на Државната изборна комисија, како и Јоана Косма, директорка на канцеларијата на Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС) во Скопје.

Студијата за изводливост и патоказот за формирање центар за обуки за избори ја изготви тим предводен од експертот Павел Кабаченко, во рамките на соработката со Фондацијата за демократија на Вестминстер (ВФД).

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

На 23 август, повеќе од 400 ученици од основните и средните училишта низ државата, наставници по граѓанско образование и претставници од институции и организации се обединија на конференцијата „Граѓанско на дело: од училница во акција”, поддржана од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, во организација на Младински образовен форум и Македонски центар за граѓанско образование.

Учениците имаа можност да учествуваат во т.н. жива библиотека и одблизу да се запознаат со работата на институциите и граѓанските организации.Државната изборна комисија беше присутна со своја претставничка која на учениците им ја објасни мисијата и улогата на ДИК, важноста од учеството на граѓаните, а особено на младите, во изборите, и штанд на кој беа поделени едукативни и информативни материјали.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Државната изборна комисија ги известува избирачите кои не се во можност да гласаат на гласачкото место (немоќно или болно лице според Упатство за пријавување и гласање на немоќно и болно лице на Државната изборна комисија), а сака да гласа за тоа ќе ја извести општинската изборна комисија најдоцна 7 дена пред денот определен за гласање, односно 12 август, до 24 часот (член 111 став 1 од Изборниот законик).

Известувањето се доставува до општинската изборна комисија или преку Апликацијата за пријавување на немоќни и болни лица и лица кои се во домашен карантин заради позитивен тест на КОВИД-19 и на кои им е одредена мерка самоизолација.

Покрај известувањето до општинската изборна комисија лицето треба да достави во оригинал или копија и медицински доказ за болеста, важечко решение за користење на туѓа нега од трета лица за болестите (наведени во член 1 од Упатството). Известувањето може да се даде и преку полномошник. Електронското поднесување може да се направи од една емаил адреса најмногу за две лица.

Немоќните или болни лица гласаат во нивните домови еден ден пред денот определен за одржување на изборите, на 19 август 2022 година (петок).

Избирачите кои се во домашен карантин заради позитивен тест на КОВИД-19 и избирачите на кои им е одредена мерка самоизолација со решение од Државен санитарен и здравствен инспекторат, а сакаат да гласаат за тоа ќе ја известат општинската изборна комисија најдоцна 5 дена пред денот определен за гласање, односно 14 август, до 24 часот (член 111-б став 1).

Известувањето се доставува до општинската изборна комисија или преку Апликацијата за пријавување на немоќни и болни лица и лица кои се во домашен карантин заради позитивен тест на КОВИД-19 и на кои им е одредена мерка самоизолација, согласно Упатството за пријавување и гласање на лица кои се во домашен карантин заради позитивен тест на КОВИД-19 и избирачите на кои им е одредена мерка самоизолација.Едно исто лице може да биде полномошник на најмногу две лица. Од иста е-маил адреса може да се достават најмногу две известувања.

Општинската изборна комисија по службена должност прибира податоци од Државниот санитарен и здравствен инспекторат за лица кои се пријавени за гласање согласно со член 111-б став (1) од Изборниот законик. Државниот санитарен и здравствен инспекторат е должен во рок од 24 часа од добиеното барање да ги достави до општинската изборна комисија податоците за лицата пријавени за гласање согласно член 111-б став (1). (член 111-б став (3).

Лицата кои се во позитивни на Ковид-19 и лицата на кои им е одредена мерка самоизолација гласаат во нивните домови еден ден пред денот определен за одржување на изборите, на 19 август 2022 година (петок).

Е-маил адреси на ОИК:

ОИК Маврово и Ростуше – [email protected]

ОИК Тетово – [email protected]

ОИК Центар Жупа – [email protected]

 

Терк за известување за гласање на избирач кој е во домашен карантин заради позитивен тест на ковид-19 и избирач на кој му е одредена мерка самоизолација

Терк за известување за гласање на немоќно или болно лице

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Од 11 до 15 јули 2022 година Државната изборна комисија престојуваше на студиска посета во Република Грузија.

Централната изборна комисија на Грузија (ЦИК) беше домаќин на претставници на Државната изборна комисија (ДИК), каде се одржаа средби помеѓу двете изборни комисии. Претседателот на ЦИК, Ѓорѓи Каландаришвили, на делегацијата од ДИК им ги претстави иновациите од изборна технологија имплементирани во 2021-2022 година. Домаќините беа заинтересирани да дознаат повеќе и за употребата на изборната технологија од страна на ДИК.

„Споделувањето на искуството помеѓу изборните комисии е од клучно значење. Денеска имаме можност да споделиме информации со делегацијата на ДИК за реформите и иновациите што ги спроведува грузиската изборна администрација, како и да се запознаеме со нивното искуство во однос на технолошките иновации“, рече Ѓорѓи Каландаришвили.

Во фокусот на интересот на делегацијата на ДИК беше работата на Центарот за развој на изборни системи, реформи и обука (Центар за обука) на ЦИК, начинот на негово формирање, структурата, финансирањето на активностите, стратешкиот план, како и начинот на негова реализација.

„Главната цел на нашата посета е да го проучиме функционирањето и активностите на Центарот  за обуки на ЦИК и да споделиме искуство. Имавме успешни средби со претседателот на Централната изборна комисија, како и со директорката на Центарот за обуки, на кои разговаравме за важни прашања. Сметам дека споменатите средби се значајна за двете земји и ќе придонесат за продлабочување на нашата идна соработка“, истакна претседателот на ДИК, проф. д-р Александар Даштевски за центарот за медиуми на грузиската ЦИК.

Натија Заалишвили, директорка на Центарот за обука на ЦИК одржа презентација со детали за активностите на центарот пред членовите на делегацијата. Во рамките на посетата, претставниците на ДИК се запознаа со работата на Центарот за обука, а присуствуваа и на тековните обуки за членовите на окружните изборни комисии на тема односи со јавноста, кои ги спроведуваа вработени во Секторот за стратешки комуникации на ЦИК.

Дополнително, се реализираше средба на делегацијата и со окружната изборна комисија Боржоми.

Студиската посета на Државната изборна комисија во Грузија беше реализирана со поддршка на Меѓународната фондација за изборни системи (IFES).

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Во рамките на студиската посета на Централната изборна комисија на Грузија (ЦИК), која се реализираше од 11 до 15 јули 2022 година, претставниците на Државната изборна комисија се запознаа со активностите на Советот за родова еднаквост на ЦИК.

На средбата, претседателката на Советот за родови прашања, Маја Зариџе и секретарката на истиот совет, Кристина Толордава, разговараа за политиката на Советот за родова еднаквост и активностите што администрацијата ги спроведува во оваа насока. На средбата се разговараше и за идните планови на Советот за родови прашања, предизвиците во оваа насока и проектите изработени во соработка со меѓународните партнери.

Во рамки на средбата, претставниците на Државната изборна комисија ги презентираа активностите кои ДИК ги презема во насока на унапредување на родовата сензитивност во изборите.

Студиската посета на Државната изборна комисија во Грузија беше реализирана со поддршка на Меѓународната фондација за изборни системи (IFES).

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Државната изборна комисија ги известува овластените претставници на политичките партии кои ќе учествуваат на Изборите за градоначалник на Општина Маврово и Ростуше и градоначалник на Општина Центар Жупа и Изборите за членови на Советот на Општина Тетово за остатокот од изборниот период, кои ќе се одржат на 20 август 2022 година, дека ждрепката за утврдување на редоследот во единствената листа на кандидати ќе се одржи на 25.07.2022 година со почеток во 12 часот, во седиштето на Државната изборна комисија, голема сала, 4 кат.

Воедно ги покануваме овластените претставници на политичките партии кои ќе учествуваат на Изборите за градоначалник на Општина Маврово и Ростуше и градоначалник на Општина Центар Жупа и Изборите за членови на Советот на Општина Тетово за остатокот од изборниот период, кои ќе се одржат на 20 август 2022 година, да земат учество во ждребувањето, односно утврдувањето на редните броеви во единствената листа на кандидати.

Овластените претставници на политичките партии треба да понесат овластување од подносителот на листата.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Согласно член 78-а став 5 и 6 од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“, број 40/06, 136/08, 148/08, 155/08, 163/08, 44/11, 51/11, 54/11, 142/12, 31/13, 34/13, 14/14, 30/14, 196/15, 35/16, 97/16, 99/16, 136/16, 142/16, 67/17,125/17,35/18, 99/18,140/18, 208/18, 27/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија“, број 98/19, 42/20, 74/21 и 215/21), Државната изборна комисија спроведува ждрепка со која ќе ги распореди локациите на рекламните паноа и билборди кои се нудат за политичко рекламирање од страна на правните лица кои стопанисуваат со истите, а во врска со Изборите за градоначалник на Општина Маврово и Ростуше и градоначалник на Општина Центар Жупа и Изборите за членови на Советот на Општина Тетово за остатокот од изборниот период, кои ќе се одржат на 20 август 2022 година.

Се повикуваат претставниците на правните лица да достават понуди за рекламни паноа и билборди со локации и ценовници до Државната изборна комисија за Изборите за градоначалник на Општина Маврово и Ростуше и градоначалник на Општина Центар Жупа и Изборите за членови на Советот на Општина Тетово за остатокот од изборниот период, кои ќе се одржат на 20 август 2022 година, согласно Упатството за распределба на рекламни паноа и билборди по пат на ждрепка со број 10-691/1 од 03.03.2020 година, објавено на веб страната на Државната изборна комисија, најдоцна до понеделник, 25.07.2022 година, до 10:00 часот.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Skip to content